mk_MK mk_MK

Изработени детални урбанистички планови, легализирани 100 и реновирани 12 домови во општините Шуто Оризари и Велес со поддршка на Европската Унија

Изработени детални урбанистички планови, легализирани 100 и реновирани 12 домови во општините Шуто Оризари и Велес со поддршка на Европската Унија

Изработени детални урбанистички планови, легализирани 100 домови и реновирани 12 домови се дел од постигнатите резултати на проектот „Одржлив урбан развој на Ромските заедници“, кој Хабитат Македонија го спроведе со општините Велес и Шуто Оризари со финансиска поддршка од Европската Унија. На завршниот настан беа презентирани постигнатите резултати од проектот кој започна да се реализира кон крајот на 2020 година со главна цел да придонесе кон инклузивен, ефикасен и одржлив урбан развој кај Ромите и маргинализираните заедници во Шуто Оризари и Велес.

Во рамки на проектот за првпат се изработени Детални урбанистички планови и предадени административна процедура на одобрување, со кои ќе се овозможи подобрување на условите за домување на жителите и унапредување на урбаното живеење во општината Шуто Оризари. Во оваа општина во рамки на проектот направена реконструкција за подобрување на енергетската ефикасност во педијатриската амбуланта, а Хабитат Македонија заедно со секторот за урбанизам во општината Шуто Оризари и граѓанската организација ИРИЗ преку правна, советодавна, техничка и финансиска поддршка им помогнаа на 100 домаќинства да ги легализираат бесправно изградените домови.„Со овој проект направивме голем чекор кон урбанизација на општината и унапредување на домувањето. Треба да се донесат првите детални урбанистички планови во општината, голем исчекор претставува ангажирањето на заедницата преку формирањето и обуката на локалните лидерски групи кои го поддржуваат процесот за да ги објаснат придобивките од урбанизација во локалната заедница. Дополнително, вклучувањето на заедницата, на младите во волонтерски активности во реконструкцијата на амбулантата и домовите, има големо значење за општината, а проектот на семејствата ќе им овозможи подобар квалитет на живот на долг рок.“ – истакна градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш.

Во општина Велес посебен акцент беше ставен на правилното отстранување на отпад како основа за урбано живеење во областите каде што живеат ранливи домаќинства. За таа цел во рамки на проектот покрај изработка на ДУП-ови, набавени се возила за собирање на смет за ЈКП Дервен низ тешко пристапните делови на Велес, набавена е урбана опрема за правилно отстранување комунален отпад за 300 ранливи домаќинства во населбата Рамина, се спроведе едукативна кампања за правилно отстранување отпад, а од страна на волонтери во акција за чистење на јавна површина беа исчистени од отпад јавни површини од 10.000м2 во населбата Рамина.

„Целосно оперативните возила донирани на ЈКП Дервен од Велес и обезбедената опрема му овозможат на јавното комунално претпријатие целосно да ги опслужува запуштените и тешко пристапни населени места со основна услуга за собирање на цврст отпад. Иако не го решаваат целосно проблемот со урбаното живеење,  овие  интервенции ќе имаат долгорочни еколошки придобивки и ќе ги намалат здравствени ризици за жителите од дивите депонии.“ – изјави градоначалникот на Велес, Марко Колев.

Во рамки на проектот реновирани се вкупно 12 домови на најранливите семејства во општините Шуто Оризари и Велес, кои живеат во супстандардни услови, определени во процесот на селекција според утврдените критериуми од страна на локалната самоуправа и општинските центри за социјална работа. Реновирањето опфати обновување на покриви, фасадата, прозорците и други интервенции согласно потребите на домот за да се обезбедат адекватни услови за домување, но и да се подобри енергетската ефикасност на домовите.

„Целта на сите активности во проектот беше да се поддржи урбаниот развој на овие маргинализирани групи, да се едуцираат за да се вклучат и за да знаат како да ги бараат своите права, да се покаже дека со стручна поддршка може да се легализираат домовите, да се покаже дека и со поскромни интервенции може да се обезбедат адекватни услови за живеење. Затоа што адекватното домување е основа за  елиминирањето пречките со кои се соочува оваа ранлива група на граѓани за подобар, поздрав и финансиски постабилен живот, верувам дека со проектот направивме чекор понапред кон обезбедување на еднакви можности за сите.“ – изјави Зоран Костов, Извршен директор на Хабитат Македонија, кој во оваа прилика им се заблагодари за активната соработка на партнерите во проектот општините Шуто Оризари и Велес, граѓанските организации ИРИЗ и Фокус и на донаторот на проектот Делегацијата на Европската Унија во нашата земја.

Значајно за овој проект и широкото вклучување на заедницата преку едукација за придобивките од урбанизација и легализација, отворени денови, формирање и едукација на две локални лидерски групи во општините, информативни кампањи, едукација на младинци и деца, волонтерски активности за реновирање на амбулантата, реновирање на куќа и чистење на населба.

ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ:

За Хабитат Македонија
Здружението за хумано домување Хабитат Македонија е невладина организација дел од Habtat for Humanity International, посветена на обезбедување едноставни, пристојни и достапни домови за лицата со ниски приходи, без разлика на нивната етничка, полова и верска припадност. Од почетокот на своето работење од 2005 година, Хабитат Македонија поддржа повеќе од 10.000 семејства во обезбедување на подобри услови за домување.  За повеќе информации посетете ја веб страницата www.habitat.org.mk

 Повеќе информации за партнерите во кампањата се достапни на:

Делегација на Европската Унија во Република Северна Македонија www.eeas.europa.eu/delegations/republic-north-macedonia_mk

Општина Шуто Оризари www.sutoorizari.gov.mk/

Општина Велес www.veles.gov.mk