mk_MK mk_MK

Проект за училишно реновирање, меѓуетничка кохезија и промоција на граѓанската култура во Шуто Оризари

Градоначалникот на Општина Шуто Оризари Курто Дудуш го потпиша меморандумот за проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието кој ќе се спроведува во Шуто Оризари. Проектот е имплементиран во соработка меѓу Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) и Македонскиот центар за граѓанско образование.

Согласно потпишаниот меморандум, трите главни компоненти на проект се зајакнување на меѓуетничката кохезија, зајакнување на граѓанската култура и однесување на младите на ниво на училиште и заедница и стимул за училиштата – реновирање.

Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието (МИМО) ќе ја подобри меѓуетничката кохезија меѓу младите преку создавање на услови за позитивна интеракција и преку градење на демократски и граѓански вредности.

Воедно, Проектот ќе ги зајакне способностите на кадарот во училиштето, учениците и родителите за разгледување на прашања и справување со проблеми што се однесуваат на различностите и правичноста во нивните училишта и локални заедници.

Реновирањето на училиштата  ќе се користи како стимул во рамки на проектот со цел создавање на подобра средина за учење и спроведување на проектни активности во насока на поддржување на младите за модерна економија и стабилна демократија кои се стратешки цели на УСАИД.

Општината ќе поднесе техничка документација за проектот за реновирање и ќе обезбеди учество во проектот за реновирање во работна рака, финансиски средства и/или опрема во вредност минимум 25% од вкупната вредност на реновирањето.

Подобрување на наставата по граѓанско образование во училиштата ќе се постигне преку истражување и анализа на наставната програма по предметот граѓанско образование за воведување на методи на работа и учење кои се во насока на нејзино подобрување.

Основното училиште Браќа Рамиз и Хамид ќе даде поддршка преку обезбедување на учество на наставници, ученици и родители во фокус групи, интервјуа и обуки за добивање на повратни информации потребни за истражувањето и подобрување на вештините и компетенциите на наставниците.