mk_MK mk_MK

Градоначалникот Курто Дудуш oствари средба со НВО ИРИЗ за унапредување на здравјето на Ромите

Денеска Градоначалникот Курто Дудуш оствари средба со претставниците на НВО ИРИЗ. Оваа средба беше искористена за да се истакнат барањата поврзани со унапредување на здравјето на Ромите.

Градоначалникот Курто Дудуш со претставниците на НВО ИРИЗ разговараше за квалитетот на здравствените услуги во Општина Шуто Оризари. Во фокусот на дискусијата беше ставен квалитетот на гинеколошките услуги, имунизацијата на децата Роми односно потребата од идентификација на неимунизираните деца со цел нивна ревакцинација. Исто така беше дискутирано околу ефективноста на здравствените медијатори и потребата од здравствена едукација за создавање на општествена здравствена култура.

Во доменот на здравствената едукација општината може да обезбеди простор и соработка со основните училишта во процесот на имплементација. Исто така Општината ќе даде напори за обезбедување на патронажна сестра во Шуто Оризари која го зборува ромскиот јазик со цел рушење на јазичната бариера.

Општина Шуто Оризари е отворена за конкретни активности и иницијативи во врска со подобрување на здравјето на Ромите и здравјето на жената Ромка. Конкретните активности на општината се усогласени согласно донесените локални акциони планови и програми.