ОДРЖАН ПРВИОТ СОСТАНОК НА УПРАВУВАЧКИОТ КОМИТЕТ НА ПРОЕКТОТ CULTURoma ВО БОЈНИК
ОДРЖАН ПРВИОТ СОСТАНОК НА УПРАВУВАЧКИОТ КОМИТЕТ НА ПРОЕКТОТ CULTURoma ВО БОЈНИК
Во Општина Бојник, Република Србија, се одржа првиот состанок на Управувачкиот комитет на проектот CULTURoma, со што започна оперативната координација меѓу партнерите за реализација на активностите предвидени во рамки на овој значаен проект за прекугранична соработка.
На состанокот, од страна на Општина Шуто Оризари, присуствуваа градоначалникот Курто Дудуш и раководителот на Секторот за административни, правни работи и локален економски развој Ибрахим Ибрахими, како и Фатима Османовска, координатор на ИРИЗ – Иницијатива за развој и инклузија на заедниците, партнер во реализацијата на проектот.
Проектот со целосен назив „Премостување на културите преку наследството: зајакнување на ромската младина и промоција на одржлив туризам во Бојник и Шуто Оризари – Културно единство и туризам за зајакнување на Ромите (CULTURoma)” се реализира во рамки на Програмата за прекугранична соработка Србија – Северна Македонија 2021–2027 (IPA III).
Водечки партнер на проектот е Општина Бојник, додека проектни партнери се Општина Шуто Оризари и ИРИЗ – Иницијатива за развој и инклузија на заедниците, со цел преку заеднички активности да се унапредат културната инфраструктура, промоцијата на ромското културно наследство и развојот на одржливиот туризам во двете општини.
Првиот состанок на Управувачкиот комитет беше посветен на координацијата меѓу проектните партнери, динамиката на реализација на предвидените активности, распределбата на обврските и одговорностите, како и утврдувањето на следните чекори за ефикасно спроведување на проектот.
Управувачкиот комитет ќе има важна улога во текот на целиот период на реализација на проектот, преку следење на напредокот на активностите, координација меѓу партнерите и навремено разгледување на прашањата поврзани со реализацијата. На тој начин ќе се обезбеди планираните активности да се спроведуваат координирано и во согласност со проектната документација, утврдената временска рамка и правилата на Програмата.
Вкупната вредност на проектот изнесува 575.840,16 евра, од кои 489.464,14 евра, односно 85 проценти, се обезбедени од Европската Унија. Проектот е предвидено да се реализира во период од 36 месеци.
За Општина Шуто Оризари, проектот предвидува конкретни инвестиции и активности од значење за локалната заедница. Меѓу нив се рехабилитација и уредување на парк и простор за културни настапи, набавка на опрема за одржување културни настани на отворено, подготовка и реализација на театарски претстави со учество на млади Роми, како и организација на културни настани.
Посебен дел од проектот е посветен на заштитата, мапирањето и промоцијата на ромското културно наследство, како и на неговото поврзување со развојот на одржливиот туризам. Предвидено е изготвување заедничка прекугранична мапа на ромското културно наследство, развој на заедничка туристичка понуда, промотивни аудиовизуелни материјали и активности преку кои културното богатство на Бојник и Шуто Оризари ќе биде претставено пред пошироката јавност.
Една од клучните цели на проектот е преку културата и туризмот да се создадат нови можности за младите, да се зајакне нивното учество во локалниот културен живот и да се промовира ромското културно наследство како значаен дел од заедничкото европско културно богатство.
Со реализацијата на CULTURoma, Општина Шуто Оризари и Општина Бојник ја продолжуваат и продлабочуваат меѓусебната соработка, создавајќи основа за долгорочно партнерство, размена на искуства и реализација на нови заеднички иницијативи.
Одржувањето на првиот состанок на Управувачкиот комитет претставува значаен чекор во реализацијата на проектот и почеток на интензивната заедничка работа на партнерите во наредниот период, со крајна цел конкретните резултати од проектот да придонесат за подобрување на културната инфраструктура, поголема видливост на ромското културно наследство, развој на одржливиот туризам и дополнително зајакнување на прекуграничната соработка меѓу Шуто Оризари и Бојник.