Општина
Шуто Оризари
Официјален портал

 Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во посета на ЈОУДГ „8 Април“ во Шуто Оризари

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во посета на ЈОУДГ „8 Април“ во Шуто Оризари

ОПШТИНА ШУТО ОРИЗАРИ

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во посета на ЈОУДГ „8 Април“ во Шуто Оризари

Денес, 7 октомври 2026 година, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, престојуваше во официјална посета на Општина Шуто Оризари, по повод свеченото пуштање во употреба на новиот дел од ЈОУДГ „8 Април“.

Посета на ЈОУДГ 8 Април

По пристигнувањето во ЈОУДГ „8 Април“, претседателот на Владата беше пречекан од градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, и претседателот на Советот на Општина Шуто Оризари, Јаше Сефер.

На настанот присуствуваа и министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите, Ерџан Демир, амбасадорката на Кралството Норвешка, Кристин Мелсом, амбасадорот на Швајцарската Конфедерација, Кристоф Сомер, претставници на Советот на Општина Шуто Оризари, како и други поканети гости.

Во рамки на посетата, претседателот на Владата и присутните гости ги разгледаа новите простории и се запознаа со условите создадени за згрижување, воспитание и ран детски развој.

Новоизградениот дел на ЈОУДГ „8 Април“ располага со шест нови занимални, со што значително се проширува капацитетот на единствената јавна детска градинка на територијата на Општина Шуто Оризари и се создава можност за опфат на поголем број деца со предучилишно воспитание и образование.

Изградбата и опремувањето на новиот дел од градинката се реализирани со значајна поддршка од меѓународните партнери – Кралството Норвешка, Швајцарската Конфедерација и УНДП. Новите занимални се современо уредени и опремени и се приспособени на потребите на децата и воспитно-образовниот процес.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во својата изјава посебно го нагласи прашањето за обезбедување на потребниот кадар. Тој истакна дека во најскоро време, преку Министерството за социјална политика, демографија и млади, ќе бидат обезбедени потребните согласности за нови вработувања на воспитувачи и негователи во ЈОУДГ „8 Април“.

Со новите вработувања ќе се создадат услови градинката да работи со целосниот расположлив капацитет. Премиерот Мицкоски нагласи дека на тој начин ќе се надмине проблемот со листата на чекање за прием на деца во градинката во Шуто Оризари.

Тој воедно посочи дека целта е проблемот со листите на чекање во детските градинки постепено да се надмине и на ниво на целата држава.

Пуштањето во употреба на новоизградениот дел, заедно со најавеното обезбедување дополнителен стручен кадар, претставува значаен чекор кон подобрување на достапноста на предучилишното воспитание и образование за децата од Шуто Оризари.

Општина Шуто Оризари изразува благодарност до Кралството Норвешка, Швајцарската Конфедерација, УНДП, Владата на Република Северна Македонија и Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и до сите кои дадоа свој придонес за реализацијата на овој значаен проект.