Свечено одбележани 30 години од основањето на Општина Шуто Оризари
30-годишнина од основањето на Општина Шуто Оризари
По повод 30-годишнината од основањето на Општина Шуто Оризари, во општинската сала се одржа свечена седница на Советот, на која, покрај советниците, присуствуваа претставници на Владата, државни и локални институции, граѓански организации, уметници, културни работници и бројни пријатели на општината.
Претседателот на Советот на Општина Шуто Оризари, г. Јаше Сефер, во своето обраќање го истакна големото историско и општествено значење на овој ден за граѓаните. Тој нагласи дека триесетгодишниот јубилеј е можност да се потсетиме на патот што Општината го изминала, да им оддадеме признание на нејзините основоположници и заеднички да погледнеме кон нејзината иднина.
Градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, истакна дека 30-годишниот јубилеј не е само одбележување на формирањето на Општината, туку и потсетување на три децении институционално постоење, борба за рамноправност, достоинство и развој, како и на заедничкото градење на Општината од страна на нејзините граѓани.
Тој потсети дека Шуто Оризари во 1996 година доби статус на посебна единица на локалната самоуправа, со што беше остварена долгогодишната желба на жителите самостојно да одлучуваат за развојот на својата заедница и за иднината на своите деца. Притоа, им оддаде признание на поранешните пратеници Фаик Абди и Амди Бајрам, кои ја покренаа и поднесоа иницијативата за формирање на Општината, оценувајќи го нивниот чекор како храбар, историски и визионерски.
Според градоначалникот, формирањето на Општината овозможило заедницата самостојно да ги гради своите институции, да ги негува ромскиот јазик, културата и идентитетот и рамноправно да учествува во политичкиот, општествениот и економскиот живот на државата. Три децении подоцна, Шуто Оризари постепено се развива во современа, урбана и функционална општина.
Осврнувајќи се на постигнатото, градоначалникот посочи дека преку двата владини повици за финансирање инфраструктурни проекти се обезбедени инвестиции во вредност од околу 4,6 милиони евра. Средствата се наменети за изградба и реконструкција на улици, подобрување на комуналната инфраструктура, побезбедно движење и создавање подобри услови за живот на граѓаните.
Како приоритети за наредниот период ги издвои достоинственото решавање на прашањето за ромските гробишта, развојот на индустриската зона и отворањето нови работни места, изградбата на современ културен центар, поголемото користење на европските фондови, модернизацијата на општинската администрација и дигитализацијата на услугите. Посебен акцент ќе биде ставен и на воспоставувањето одржлив систем за управување со отпадот и создавањето почиста и поздрава животна средина.
На крајот, Дудуш порача дека заедничка обврска е на идните генерации да им се остави развиена, стабилна и почитувана општина – Шуто Оризари каква што ја замислувале нејзините основачи: лулка на ромската култура, симбол на рамноправноста и современо и достоинствено место за живеење.
Свечениот настан беше поддржан од Европскиот ромски институт за уметност и култура – ЕРИАК, меѓународен креативен центар кој работи на промовирање на ромската уметност, култура и историско искуство, како и на градење позитивна слика за Ромите во Европа. ЕРИАК е заедничка иницијатива на Советот на Европа, Фондациите Отворено општество и Алијансата за Европски ромски институт.
Во рамките на одбележувањето, ЕРИАК се претстави со изложба посветена на ромската историја, отпорот, културната меморија и уметничкото творештво. Изложбата ја збогати свечената програма и потсети на важноста од зачувувањето и промовирањето на ромскиот идентитет и културното наследство.
Културниот дел од програмата беше збогатен и со поетски читања. Своја поезија прочита Неџо Осман, кој се осврна и на историјата и значењето на театарот „Пралипе“, еден од најпрепознатливите симболи на културниот и театарскиот живот на Шуто Оризари. Со своја поезија пред присутните се претставија и Севдија Абдулова и Сафет Камбер.
Во рамките на свечената седница беа доделени плакети за особен придонес. Постхумни признанија им беа доделени на Фаик Абди и Амди Бајрам, а плакети добија и Неждет Мустафа, првиот градоначалник на Општина Шуто Оризари, и ликовниот уметник Дурмиш Ќазим.
Одбележувањето на 30-годишнината беше достоинствено потсетување на сите личности кои оставиле траен белег во основањето, развојот, културата и афирмацијата на Општина Шуто Оризари. Истовремено, јубилејот испрати силна порака за единство, одговорност и продолжување на заедничката работа за изградба на модерна, урбана и просперитетна општина.
Триесет години Општина Шуто Оризари – триесет години историја, достоинство, култура и заедничка борба. Продолжуваме обединети да ја градиме иднината на нашата општина.