OДРЖАНА 4-ТА ФОРУМСКА СЕСИЈА ОД ПРОЕКТНИОТ ФОРУМ ВО ОПШТИНА ШУТО ОРИЗАРИ
ОДРЖАНА 4-ТА ФОРУМСКА СЕСИЈА ОД ПРОЕКТНИОТ ФОРУМ ВО ОПШТИНА ШУТО ОРИЗАРИ
На 29 септември 2026 година, во салата на Општина Шуто Оризари, се одржа 4-тата форумска сесија од Проектниот форум, во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети, Фаза 2“.
На четвртата форумска сесија присуствуваа граѓани, претставници на локалната самоуправа, граѓански организации и други засегнати страни. Со оваа сесија заврши процесот на четвртиот форум, преку кои граѓаните имаа можност активно да учествуваат во идентификувањето на потребите на локалната заедница, предлагањето идеи и креирањето на проектни иницијативи за развој на Општина Шуто Оризари. Во текот на форумскиот процес беа предложени 7 проектни концепти, насочени кон подобрување на условите за живот, развој на младите, унапредување на културниот и спортскиот живот, уредување на јавните простори и подобрување на комуникацијата и учеството на граѓаните.
Предложените проектни концепти беа:
- Саем за ромска култура, литературно читање и промоција на ромското културно наследство;
- Набавка на опрема за озвучување и пренос на состаноци и седници од Ресурсен центар на Општина Шуто Оризари;
- Формирање на Младински клуб / Центар за млади;
- Градење на капацитетите на младите преку финансиска писменост и развој на млади лидери во бизнисот;
- „Уредување на детско игралиште и урбано уредување во склоп на Паркот на младоста – ‘БЕЗБЕДЕН ПАРК ЗА СРЕЌНО ДЕТСТВО’“
- Уредување на спортски центар „Напредок“;
- Ромска културна канцеларија и ромски културен парк.
Граѓаните ги избраа приоритетните проекти на претпоследната форумска сесија, граѓаните имаа можност директно да гласаат за предложените проектни иницијативи.
Според резултатите од гласањето:
„Опремување на Ресурсен центар на Општина Шуто Оризари со професионална аудио и техничка опрема за подобрување на јавната комуникација и инклузивно учество“
„Формирање на Младински клуб со програма за градење на капацитетите на младите во Општина Шуто Оризари“
„Уредување на детско игралиште и урбано уредување во склоп на Паркот на младоста – ‘БЕЗБЕДЕН ПАРК ЗА СРЕЌНО ДЕТСТВО’“
Ресурсниот центар – важен проект за Општина Шуто Оризари
Проектот „Опремување на Ресурсен центар на Општина Шуто Оризари со професионална аудио и техничка опрема за подобрување на јавната комуникација и инклузивно учество“, кој со 42 гласа го освои првото место, е од особено значење за Општина Шуто Оризари.
Со реализацијата на овој проект ќе се создадат подобри услови за навремена, транспарентна и достапна комуникација со граѓаните, како и за нивно поголемо и поактивно учество во работата на Општината.
Професионалната аудио и техничка опрема ќе овозможи подобра организација и пренос на состаноци и седници, полесен пристап до информации и поголема отвореност на локалната самоуправа кон граѓаните.
Ресурсниот центар ќе има значајна улога како простор за информирање, комуникација и инклузивно учество, со што ќе се придонесе кон зајакнување на соработката помеѓу Општината и граѓаните.
На форумската сесија свое обраќање имаше и градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, кој им се заблагодари на сите граѓани што беа дел од четирите форумски сесии и активно придонесоа во целиот процес.
Градоначалникот им честиташе на сите групи кои во изминатиот период работеа на подготовката и развојот на предлог-проектите, истакнувајќи ја нивната посветеност и придонес во процесот.
Во своето обраќање, градоначалникот истакна дека и проектите кои се пласираа на второ и трето место ќе продолжат кон реализација.
Тој посочи дека младите ќе добијат свој Младински клуб, кој понатаму ќе биде ставен во функција и ќе претставува простор наменет за младите од Општина Шуто Оризари.
Исто така, беше истакнато дека ќе се реализира и проектот „Безбеден парк за среќно детство“, со оглед на тоа што уредувањето на овој простор и создавањето подобри и побезбедни услови за децата е предвидено и во програмата на Општината.
Со тоа, резултатите од форумскиот процес не остануваат само на ниво на предлози, туку дел од избраните иницијативи ќе продолжат кон конкретна реализација.
Четирите форумски сесии овозможија граѓаните непосредно да ги претстават своите потреби, идеи и предлози и активно да учествуваат во определувањето на локалните приоритети.
Форумскиот процес покажа дека преку отворен дијалог, соработка и директно учество на граѓаните може заеднички да се креираат проектни иницијативи кои одговараат на потребите на локалната заедница.
Општина Шуто Оризари продолжува да работи на создавање услови за транспарентно, инклузивно и партиципативно носење одлуки, со активно вклучување на граѓаните, локалната самоуправа, граѓанските организации и другите засегнати страни.
Проектот „Зајакнување на општинските совети, Фаза 2“ претставува значаен процес за зајакнување на учеството на граѓаните и нивното директно вклучување во креирањето на приоритетите и иницијативите за развој на Општина Шуто Оризари.