Општина
Шуто Оризари
Официјален портал

 Одлука за формирање на Општински совет за социјална заштита на Општина Шуто Оризари

Одлука за формирање на Општински совет за социјална заштита на Општина Шуто Оризари

Одлука за формирање на Општински совет за социјална заштита

Советот на Општина Шуто Оризари донесе Одлука за формирање на Општински совет за социјална заштита, како постојано советодавно и координативно тело кое ќе работи на унапредување на системот на социјална заштита на локално ниво.

Советот ќе биде составен од претставници на општинската администрација, Министерството за внатрешни работи, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, образовните институции, здравствените установи, Агенцијата за вработување, Црвениот крст и граѓанските организации кои активно работат во областа на социјалната заштита.

Основна задача на ова тело ќе биде следење на состојбите во областа на социјалната заштита, идентификување на потребите на ранливите категории граѓани, подготовка на Општинскиот социјален план, предлагање локални мерки и политики, како и подобрување на меѓуинституционалната координација.

Со формирањето на Советот, Општина Шуто Оризари воспоставува организиран механизам преку кој ќе се планираат и координираат активностите за подобрување на квалитетот на животот и социјалната инклузија на граѓаните.

Совет на општина Шуто Оризари-Konsili ki komuna Šuto Orizari-Këshilli I komunës Shuto Orizari

Република Северна Македонија-Republika Utarali Makedonija-Republika e Maqedonisë së Veriut

Бр- No-Nг. 08-298/29

30.06.2026год-berš-viti

СКОПЈЕ- SKOPJE-SHKUP

Врз основа на член 22 став (1) точка 7 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на РМ” бр. 5/2002), член 141 и член 142 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на РСМ” бр. 104/2019, 146/2019, 275/2019, 302/2020, 311/2020, 163/2021, 294/2021, 99/2022 и др.), член 14 точка 8 од Статутот на Општина Шуто Оризари, а по Предлог на Градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Советот на Општина Шуто Оризари на својата 7-ма седница одржана на ден 26.06.2026 година, донесе:

ОДЛУКА

за формирање на Општински совет за социјална заштита на Општина Шуто Оризари

Член 1

Со оваа Одлука се формира Општински совет за социјална заштита на Општина Шуто Оризари (во понатамошниот текст: Советот), како тело за планирање и развој на социјалната заштита на подрачјето на Општина Шуто Оризари.

Член 2

Советот се формира со цел унапредување на социјалната заштита, соработка и координација помеѓу релевантните институции, здруженија на граѓани и други чинители кои дејствуваат во оваа област, заради поефикасно задоволување на потребите на граѓаните во Општина Шуто Оризари.

Член 3

Советот е составен од претставници на Општината, институциите на локално ниво од областа на социјалната заштита, образованието, здравството, вработувањето, полицијата, како и претставници од граѓанскиот сектор.

Член 4

Мандатот на членовите на Советот изнесува 4 (четири) години со право на повторен избор. Работата на членовите во Советот е волонтерска.

Член 5

Конституирањето и начинот на работа на Советот подетално ќе се уредат со Деловник за работа, кој телото ќе го донесе на својата прва конститутивна седница.

Член 6

Административно-техничките работи за потребите на Советот ги врши Општина Шуто Оризари.

Член 7

Оваа Одлука стапува во сила од денот на објавувањето во службен гласник на Општина Шуто Оризари и на веб страната на Општината www.sutoorizari.gov.mk.

Претседател на совет

на Општина Шуто Оризари

Јаше Сефер, с.р.


„Градоначалник на општина Шуто Оризари- Šerutno ki komuna Šuto Orizari-Kryetari I komunës Shuto Orizari,,

„Република Северна Македонија- Republika Utarali Makedonija-Republika e Maqedonisë së Veriut,,

Бр- No-Nг. 09-298/30

30.06.2026год-berš-viti

СКОПЈЕ- SKOPJE-SHKUP

Врз основа на член 50, став 1, точка 3 и 16 од Законот за Локална самоуправа („Службен весник на РМ” бр.05/02 и „Службен весник на РСМ” бр.202/24) и член 45, точка 2 и 12 од Статутот на општина Шуто Оризари, („Службен гласник на Општина Шуто Оризари” бр.01/97), Градоначалникот на општина Шуто Оризари донесе:

РЕШЕНИЕ

За прогласување и објавување на Одлуката за формирање на Општински совет за социјална заштита на Општина Шуто Оризари

Член 1

Се прогласува и објавува Одлуката за формирање на Општински совет за социјална заштита на Општина Шуто Оризари, што Советот ја донесе на Седницата одржана на 26-ти Јуни 2026 година.

Член 2

Ова решение влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Шуто Оризари” и на веб страната www.sutoorizari.gov.mk.

Градоначалник на

Општина Шуто Оризари

Дудуш Курто, с.р.