Одлука за постапување со хаваризирани, нерегистрирани и напуштени возила на јавни површини
Одлука за постапување со хаваризирани, нерегистрирани и напуштени возила на јавни површини
Советот на Општина Шуто Оризари донесе Одлука со која се уредува постапката за евидентирање, означување и отстранување на хаваризирани, нерегистрирани и напуштени возила оставени на јавни површини на територијата на општината.
Со донесувањето на оваа одлука се воспоставува јасна процедура за постапување во случаи кога возила подолг временски период се оставени на улици, тротоари, паркинзи и други јавни површини, при што го попречуваат нормалното користење на јавниот простор, претставуваат опасност за безбедноста на граѓаните или негативно влијаат врз животната средина и урбаниот изглед на општината.
Одлуката предвидува сопствениците најнапред да бидат писмено известени и да добијат рок доброволно да го отстранат возилото, а доколку тоа не биде сторено, Општината ќе може да пристапи кон негово отстранување преку овластено правно лице, согласно законските прописи.
Со оваа мерка Општина Шуто Оризари прави значаен чекор кон создавање почиста, побезбедна и поуредена животна средина, како и поефикасно управување со јавните површини во интерес на сите граѓани.
Совет на општина Шуто Оризари-Кonsili ki komuna Šuto Orizari-Këshilli I komunës Shuto Orizari
Република Северна Македонија-Republika Utarali Makedonija-Republika e Maqedonisë së Veriut
Бр- No-Nг. 08-298/22
30.06.2026год-berš-viti
СКОПЈЕ-SKOPJE-SHKUP
ОДЛУКА
за постапување со хаваризирани, нерегистрирани и напуштени возила на јавни површини на територијата на Општина Шуто Оризари
Член 1
Со оваа Одлука се уредува начинот на евидентирање, означување, отстранување и чување на хаваризирани, нерегистрирани и напуштени возила оставени на јавни површини на територијата на Општина Шуто Оризари.
Член 2
За хаваризирано или напуштено возило, во смисла на оваа Одлука, се смета возило кое:
- е видно оштетено и не е во возна состојба;
- нема регистарски таблици;
- не е регистрирано подолг период согласно важечките прописи;
- е оставено на јавна површина подолго од 30 дена без да биде ставено во функција;
- претставува опасност за безбедноста, здравјето на граѓаните или за животната средина.
Член 3
Надзорот над спроведувањето на оваа Одлука ќе ги врши комунален редар на Општина Шуто Оризари.
Член 4
Комуналниот редар составува записник и поставува писмено известување на возилото со кое сопственикот се задолжува да го отстрани возилото во рок од 8 дена од денот на поставувањето на известувањето.
Член 5
Доколку сопственикот не постапи по известувањето во определениот рок, Општината ќе пристапи кон присилно отстранување на возилото преку овластено правно лице.
Член 6
Трошоците за подигнување, транспорт и чување на возилото паѓаат на товар на сопственикот на возилото.
Член 7
Возилото ќе се чува на определен простор согласно договор склучен од Општината со овластено правно лице.
Член 8
Доколку сопственикот не го преземе возилото во рок утврден со закон, понатамошното постапување ќе се врши согласно важечките законски прописи.
Член 9
Ова Одлука влегува во сила со денот на донесувањето, истата ќе се објави во „Службен гласник на Општина Шуто Оризари” и на веб страната www.sutoorizari.gov.mk.
Претседател на Совет
на Општина Шуто Оризари
Јаше Сефер, с.р.
„Градоначалник на општина Шуто Оризари- Šerutno ki komuna Šuto Orizari-Kryetari I komunës Shuto Orizari,,
„Република Северна Македонија- Republika Utarali Makedonija-Republika e Maqedonisë së Veriut,,
Бр- No-Nг. 09-298/23
30.06.2026год-berš-viti
СКОПЈЕ- SKOPJE-SHKUP
РЕШЕНИЕ
За прогласување и објавување на Одлуката за постапување со хаваризирани, нерегистрирани и напуштени возила на јавни површини на територијата на Општина Шуто Оризари
Член 1
Се прогласува и објавува Одлуката за усвојување на Одлуката за постапување со хаваризирани, нерегистрирани и напуштени возила на јавни површини на територијата на Општина Шуто Оризари, Советот ја донесе на Седницата одржана на 26-ти Јуни 2026 година.
Член 2
Ова решение влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Шуто Оризари” и на веб страната www.sutoorizari.gov.mk.
Градоначалник на
Општина Шуто Оризари
Дудуш Курто, с.р.