Во Шуто Оризари се отвори нова народна кујна

 

Стапката на сиромашни лица во државава лани изнесувала 21,6 проценти, а со оглед дека оваа година во која владее пандемија со коронавирусот и која остави многу луѓе без работа, стапката е многу поголема. Тоа ги поттикна во општина Шуто Оризари каде има голем процент на сиромашни жители, да отворат народна кујна која ќе работи од понеделник до петок, а оброкот ќе може да се зема од 13:30 до 15 часот. Притоа ќе се опслужуваат 200 семејства од заедницата, претходно идентификувани во соработка со Центарот за социјална работа и граѓанските организации. За да го поминат викендот, во петок на посетителите на кујната ќе им се дели и сува храна

Речиси четвртина од населението во Македонија е сиромашно. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, а кои се однесуваат на 2019 година, стапката на сиромашни лица во државава изнесувала 21,6 проценти, а со оглед дека оваа година во која владее пандемија со коронавирусот и која остави многу луѓе без работа, стапката е многу поголема.

Статистичките податоци покажуваат дека стапката на сиромаштијата на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2019 година е 19,3. Според најфреквентниот статус на економската активност, стапката на сиромашни вработени лица е 8,5 проценти, додека стапката на сиромашни пензионери е 7,7 проценти.

Токму ваквата состојба на граѓаните ја натераа Општина Шуто Оризари на чија територија има поголем број на лица и семејства што живеат во сиромаштија, вчера официјално да ја отвори народната кујна која се наоѓа веднаш до општинската зграда.

– Станува збор за четири монтажни контејнери каде има поставено маси и столови, сопственост на општината кои се приспособени за оваа намена, на површина од 150 квадратни метри – објасни Фатима Османовска, претседател на Советот на Општина Шуто Оризари.

 

Доколку пак се зголеми бројот на лица кои имаат потреба за тоа, Општината има на располагање уште два контејнери кои засега не се поставени.

Таа додава дека кујната ќе работи од понеделник до петок, а оброкот ќе може да се зема од 13:30 до 15 часот. Притоа ќе се опслужуваат 200 семејства од заедницата, претходно идентификувани во соработка со Центарот за социјална работа и граѓанските организации. За да го поминат викендот, во петокот на посетителите на кујната ќе им се дели и сува храна.

 

– Со цел следење на сите протоколи за работа, во моментов семејствата храната ќе ја подигнуваат пакувана и ќе ја носат во своите домови – потенцира Османовска.

Таа објаснува дека идејата за народна кујна дошла откако на почетокот на пандемијата, од март до мај, група на девојки и жени волонтерки и вработени во локалните институции,  зготвија вкупно 5.000 оброци, кои биле дистрибуирани директно до семејствата на терен.

– Поради добрата прифатеност на терен и потребата од топол оброк се разви план за институционализирање на идејата и нејзина одржливост и се пристапи кон лоцирање на ресурси и барање на партнери – истакна Османовска.

Кон идејата за постоење на општинска народната кујна се приклучиле повеќе компании, а и Општина Шуто Оризари учествува со сопствени средства и ресурси.

 

– Се надеваме дека оваа иницијатива ќе покрене интерес што повеќе општествено одговорни компании да се вклучат нејзината реализација и со тоа да се создаде можност континуирано да се зголемува бројот на опслужени семејства. Со оваа иницијатива сакаме да покажеме успешен пример на соработка на повеќе страни, за една иста цел – искоренување на гладот од нашето општеството, потенцираше Османовска.

Извор: Вечер