Градоначалникот Курто Дудуш ќе ја донира јануарската плата за семејствата чии што куќи беа опожарени

Вчеравечер, Советот на Општина Шуто Оризари одржа вонредна седница на која присуствуваше Градоначалникот Курто Дудуш, по повод – настанатиот пожар во Шуто Оризари во кој загинале две малолетни деца.

Седницата започна со изразување на длабоко сочувство кон семејствата и со еден минутен молк.

Советот на општината донесе одлука за доделување на еднократна парична помош, на три семејства чии што куќи се целосно уништени, во висина од 30. 000 денари и за едно семејство, еднократна парична помош во висина од  60.000 денари. Исто така, за време на седницата советниците одлучиле да ги донираат  јануарските паушали за покривање на потребите на опожарените семејствата.

Градоначалникот Курто Дудуш изјави дека својата јануарска плата ќе ја донира на загрозените семејствата од пожарот, а општинската администрација предложи да одвои исто така дел од својата плата.

,, Ја делиме болката на родителите и семејството, сега ние, сме должни на вас како родители, на уште две дечиња и на вашите соседи, кои ги изгубија своите домови да ви помогнеме да го вратите нормалниот живот назад’’ – вчера изјави Градоначалникот Курто Дудуш.

Следната недела, ќе се одржи друга седница каде со ребаланс на буџетот средствата од ставките култура и спорт ќе се пренаменат за помош на семејствата врз основа на извештаите на комисијата за проценка на штети.