mk_MK mk_MK

Ален Умер, Совет на млади на Општина Шуто Оризари: На 23-тиот роденден на нашата општина да говориме за младинските политики во Шуто Оризари

На настанот по повод 23 години – Општина Шуто Оризари се обрати Претседателот на Советот на млади на Општина Шуто Оризари, Ален Умер кој во своето излагање нагласи:

,, Почитувани присутни, јас сум Ален Умер, волонтер-претседател на првиот оформен Совет на млади од општина Шуто Оризари, во завршна фаза на моите мастер студии по Дипломатија и денеска ја имам честа на 23-тиот роденден на нашата општина да говорам за младите и младинските политики во Шуто Оризари.

Во минатото, младите од Шуто Оризари, нашиот етникум, имаше изолираност, несигурност, апатија, млади кои служеа само како бројка, кои имаа буквално забетонирани, лимитирани можности да учествуваат во тела за млади, истурени активисти кои беа за потсмев со тоа што беа дел од политичката младина, оставени речиси секогаш на дното на листите со неможност ниту да пристапат кон засегнатата институција за да ги застапат своите интереси. Но сега, во овој момент Шуто Оризари веќе брои млади интелектуалци, високо образовани Роми, млади кои се подготвени да ја направат промената што сакаат да ја видат, млади кои поседуваат добра подлога, со нова димензија, која што дава надеж за подобрување на работите, секако сега веќе и со достапност на општината.

Тука е секако и поддршката и слухот на општината – Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) кои ни обезбедуваат ефикасни алатки за целосно наше учество во општествениот живот, адресирање на младинските прашања преку интегрирани младински политики со кои би го зајакнале нашето младинско учество како на локално, така и на национално ниво. Сега младите може да бидат, т.е веќе се видени и слушнати, нашиот глас веќе може да стигне до сите канали на политичкото дејствување. Мојата визија е младите Роми како имаат поголема можност за директно учество, сопствени механизми за решавање на одредени прашања кои се важни и се однесуваат на нас, визија во која се искористува потенцијалот на политичките подмладоци и се добива поголем простор во градењето и подобрувањето на нашата иднина, унапредена еднаквост и третман на младите, како и добивање на пратенички мандат, односно застапеност на млади Роми пратеници под 30 години во пратеничките состави на Собранието.

Ние имаме обврска континуирано да грабиме искуство и знаење, да предлагаме квалитетни политики за решавање на нашите проблеми и жестоко да ги браниме нашите ставови, храбро да се соочиме со препреките и да се поддржуваме едни со други. За крај, би кажал дека сега веќе имаме подготвена младина, младина која гласно ќе ги изрази своите потреби, ќе дава издржани предлози и активно ќе дејствува заедно во градењето на перспективите за напредок, кариерниот развој и квалитетниот животен стандард за наше подобро утре. Да бидеме гласни критичари, спремни да се соочиме со сите предизвици кои ќе ни ги носи времето во кое нашите генерации ќе бидат тие на кои што ќе падне одговорноста за градење и развој на ова општество, да ја чувствуваме својата моќ и да ја користиме својата привилегија за доброто на заедницата бидејќи ние сме клучот за вистинските промени кои треба да ни се случат.

Те arakha amari komuna, soske tani jekhutni ko sasto sumnal.Te ovel amengje Bahtalo o 23-to Bersh e Komunakoro ! ” – нагласи во своето обраќање Ален Умер.