Срџан Амет, по повод 23 години Општина Шуто Оризари: Со новата индустриска зона стануваме поатрактивни за нови инвеститори, работни места и пристојни плати

По 23 години од постоењето на Општина Шуто Оризари, локалниот економски развој за прв пат, стана приоритетна област во борбата против високата невработеност и сиромаштија.

Како прв чекор во намалување на невработеноста, ја започнавме првата фаза од оформување на првиот економско-социјален совет со што ромската заедница економски ја зајакнуваме за отпочнување на сопствен бизнис и самовработување.
Со проектирање на новата индустриска зона стануваме поатрактивни за нови инвеститори, отворање на нови работни места и достојни плати. Воедно, Деталните урбанистички планови се на врвот на нашата листа со приоритети и клучни за изградба на значајни капитални објекти како: катна гаража, културен центар и зграда со социјални станови. Затоа општина Шуто Оризати работи тимски и посветено со цел имплементација на овој проект.

Факт е дека стапката на невработеност кај ромите е двојно поголема од останатите. Сиромаштијата драстично и континуирано се зголемува, а трендот на иселување на младите се покачува поради што потребно е веднаш да ги дефинираме нашите економски приоритети. Преку поддршка на развој на мали и средни претпријатија, создавање на бизнис форуми и инкубатори се здружуваме и вложуваме во иднината на младите генерации и новите поколенија.

Неправилностите во работењето и недоволните инвестиции во човечкиот капитал досега, беа главни проблеми кои го кочеа економскиот развој. Затоа наша обврска е да обезбедиме инфраструктурни услови, нови политики за економски раст и нови инвестиции во Шуто Оризари за добри плати и полесно вработување. Со одговорно трошење Општина Шуто Оризари полека можеме да ја доближиме до економски поразвиените општини. Истовремено, образованието е клучна алка во создавање на квалификуван кадар на пазарот на трудот и е од особена важност за сите нас.

Сиромаштијата и невработеноста се последица од социјална, образовна и економска исклученост но преку политичка волја и општествена инклузија позитивните промени се неизбежни!