Милка Тримчевска од О.У. ,,Браќа Рамиз-Хамид“- Шуто Оризари е НАЈДОБАР НАСТАВНИК ВО ЗЕМЈИТЕ ОД ПОРАНЕШНА ЈУГОСЛАВИЈА

Од 30 мај до 2 јуни во Будва, Црна Гора се одржа конференција „Светот на образованието ги брише границите“ организирана од Асоцијацијата Best Teacher-Ex Yugoslavia.

На конференцијата м-р Милка Тримчевска, професор по македонски јазик, стручен соработник-библиотекар во О.У. „Браќа Рамиз-Хамид“-Шуто Оризари, Скопје се стекна со титула најдобар наставник во земјите од поранешна Југославија.

Титулата ја доби по разгледување на апликација во којашто се вреднуваше труд, ангажмани и високи успеси во постигнувањата на професионален план и афирмирањето на наставничката професија како една од најблагородните професии.

На конференцијата покрај титулата се стекна и со сертификат за активно учество на конференцијата и со посебна пофалница за придонес за афирмирање на наставничката професија преку низа активности, меѓу кои и постер презентација на „Кампањата за намалување на нередовното посетување на учениците“ реализирана од тим чиј координатор е Милка Тримчевска.

Инаку, м-р Милка Тримчевска минатата година беше прогласена за Просветен работник на годината на Град Скопје за учебната 2017/18 година од страна на Здружението на просветни работници на Град Скопје. Плакетата и признанието ги доби за постигнати високи резултати во остварувањето на целите и задачите на воспитно-образовната дејност низ тековните години во наставата и воннаставните активности.