mk_MK mk_MK

Работна средба за превенција од насилство врз децата и политики за заштита од злоупотреба

Денеска, Општина Шуто Оризари во знак на поддршка на СОС Детско село учествуваше на работната средба за превенција од насилство и презентација на политиките за заштита на деца од злоупотреба – реагирање и постапување.

На работната средба беа присутни претставници од основните училишта на територија на Општина Шуто Оризари, претставници од градинката ,,8-ми Април”, дефектолози, социјални работници, психолози и останати претставници од релевантни институции.

Работната средба ја отвори г-ѓа Јулијана Шумкоска – Програмски менаџер на СОС програма за социјална превенција. Таа во своето излагања зборуваше за програмата за поддршка на деца во социјален ризик која вклучува унапредување на детскиот и психосоцијалниот развој и дневни активности со деца и родители.

Советничката за образование на Општина Шуто Оризари Рамиза Сакип истакна дека локалната самоуправа активно работи на приоритизирање на децата односно на нивната заштита, сигурност и  развој.

Општина Шуто Оризари се залага да изнајде механизми за превенција и менаџирање на насилството врз децата особено во училиштата со заеднички напори и во соработка со стручните служби.

Исто така, локалната самоуправа активно работи на обезбедување на пристап до квалитетно образование и воспитен процес како клучни фактори за правилен детски развој.

Неизбежна е институционалната соработка за превенција од девијантни појави, отворени образовни институции, организирање на јавни трибини и дебати за постигнување на позитивни структурални промени.

Кристијан Нушков – координатор на Советодавниот центар за родители и деца во Шуто Оризари ја потенцираше потребата од акцентирање на  квалитетот наместо на квантитетот при работата со семејствата за постигнување на резултати кои  значат позитивни промени.

Советодавниот центар за родители и деца во Шуто Оризари досега има работено со вкупно 130 семејства  вклучувајќи мониторирање и континуирана поддршка. ,,Биолошкото семејство е најдобар за раст и развој на децата” – истакна Кристијан Нушков – координатор на Советодавниот центар.

Општина Шуто Оризари поддржува развивање на политики за заштита и сигурност на децата со цел создавање на сигурна средина која одговара на
нивните специфични потреби.