Средба за зајакнување на довербата во институциите преку соработка меѓу граѓаните, локалната самоуправа и МВР


Советникот за образование на општина Шуто Оризари Рамиза Сакип и Љупчо Велковски од полициската станица Чаир, во соработка со НВО Амбрела одржаа средба со граѓаните од Прифатниот Центар во Шуто Оризари во врска со обидите за киднапирање и немилиот настан на 28 јануари.

Целта на овие средби е да разбие стравот и срамот за пријавување на евентуален обид за киднапирање, да се врати довербата на граѓаните во институциите и да се зголеми информираноста за проблемите со кои се соочува населението.

Ромите кои се сместените во Прифатниот Центар во Шуто Оризари, за време на дискусијата со претставникот од МВР, НВО Амбрела и советничката за образование Рамиза Сакип, истакнале дека нивните деца живеат на улица веќе повеќе од 30 години, нивните деца на училиште секојдневно се  соочуваат со навреди и понижувања поради нискиот социо- економски статус.

Овие родители не можат да обезбедат елементарни улови за сопствените деца како : патики, фармерки и чорапи за да одат на училиште.

Стравот од киднапирање на деца сеуште постои иако досега немаат потврдена информација за исчезнато дете.

Овие децата имаат бесплатен превоз обезбеден од страна на општината до училиште, и од училиште до Прифатниот Центар, но тие често излегуваат надвор за време на училишните часови и се склони на бегање од дома најверојатно поради надежта дека така ќе го најдат решението за нивните конфликти.

Родителите побараа поддршка во процесот на воспитување од страна на психолог, педагог, наставник и социјален работник.

Љатифа Шиковска од НВО Амбрела напомена дека имаат поддршка од страна на психолог но во исто време потребно е да се зајакне одговорноста за воспитување на сопствените деца.

Советникот за образование Рамиза Сакип истакна дека нема потреба да постои страв од киднапирање на деца, бидејќи истите се заштитени од страна на државата, таа ја искажа својата широка отвореност за размена на секакви информации во случај на било каков проблем кој е врзан со обид за киднапирање и училишна настава.

Во однос на здравствениот статус , како резултат на работата на невладините организации и здравствените медијатори околу 90% од децата Роми се редовно вакцинирани.

Љупчо Велковски од ПЦ Чаир истакна досега нема пријавено ниту еден случај на исчезнато дете , ниту еден родител не пријавил во полиција украдено дете, на социјалните мрежи за жал се пласираат непроверени информации и затоа тој испрати апел да не се крева паника меѓу населението и да се пријави секој обид за киднапирање за можат надлежните институции да преземат мерки.

Сместувањето на Ромите во Прифатниот Центар во Шуто Оризари е утврдено со договор од страна Министерството за труд и социјална политика.

НВО Амбрела е во континуирана комуникација со овие жители и обезбедува донации за храна и облека.