Ромските невладини организации и локалната самоуправа ќе креираат заеднички концепт со активности за случувањата на 28 јануари во Шуто Оризари

Вчера се одржа координативен состанок меѓу претставници од невладини организации и претставници од локалната самоуправа за создавање на заеднички концепт со активности во однос на обидите за киднапирање на ромски деца.

На состанокот присуствуваше Градоначалникот Курто Дудуш, Претседателот на општинскиот совет Фатима Османовска, Советникот за образование на општина Шуто Оризари Рамиза Сакип, Срџан Амет од Секторот на Локален Економски Развој, претставници од Здружението Ц.С.И. Надеж, НВО Амбрела, НВО Dendo Vas, НВО СОС Детско село.

На состанокот беше истакнато дека треба да се работи, не само со децата Роми, туку и со нивните родители. Потребно е невладините организации во соработка со психолози и социјални работници  да работат на процесот на социјализација и реинтеграција на ромските деца во училиштата и давање на психосоцијална поддршка во случај на појава на пост трауматски период.

Во контекст на прашањето: ,, Како да ги направиме родителите да бидат силни за справување со оваа ситуација?”, беа предложени неколку предлог мерки меѓу кои: иницирање на заеднички средби со Советот на родители, Советот за превенција од кризи при општина Шуто Оризари и полициските службеници за враќање на довербата во институциите преку градење на контакти и блиска комуникација, работилници со родители и деца за заштита од потенцијално загрозувачки ситуации по нивната безбедност, социјални патроли кои ќе мапираат деца и проблематики со социјален ризик и ќе пишуваат пријави во име на Центарот за социјална заштита, домашни посети од страна на наставниците со цел мотивирање на децата за враќање во училиштата.

Ромските невладини организации ќе работат интензивно и синхронизирано со локалната самоуправа, ќе ги искористат своите капацитети за намалување на колективниот стрес, за зголемување на фреквенцијата на децата во училиштата, за намалување на пост трауматскиот период кај децата и враќање на довербата во работата на институциите.

По дефинирање на концептот со активности, локалната самоуправа истиот ќе го достави и до Министерството за внатрешни работи.