mk_MK mk_MK

Екологија

Општина Шуто Оризари, со цел зачувување и унапредување на животната средина ја донесе следната:

ПРОГРАМА PA ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА И ПРИРОДАТА ЗА 2019 ГОДИНА
поднесена од Одделението за урбанизам и заштита на животна средина по предлог на Градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Скопје

I. Вовед

Во рамките на Секторот за урбанизам, комунални дејности, заштита на животната средина, и локален економски развој, работи Одделението за комунални работи и заштита на животната средина, кое што ја подготвува и спроведува Програмата за заштита на животната средина и природата.

Одделението ги спроведува мерките и активностите предвидени по тематски области, со цел да овозможи сеопфатна заштитата на животната средина во Општината и подобри услови на живеење за граѓаните. За реализација на активностите и проектите, Одделението остварува соработка со здруженија на граѓани, Градот Скопје, Министерството за заштита на животната средина и другите постоечки институции и фондации.

Програмата РA заштита на животната средина и природата, опфаќа спроведување на проекти и активности за подигнување на јавната свест, за потребата од здрава и чиста животна средина, како и практични мерки и активности, во соработка со здруженија на граѓани, институции и фондации.

II. Цели на програмата

Со програмата за заштита на животната средина и природата, Општината овозможува спроведување на еколошката политика согласно европските стандарди и се залага за:

– Почитување на законите и регулативите кои што се однесуваат на заштитата на животната средина, заштеда на природни ресурси, намалување и селектирање на отпадот, подобрување на квалитетот на воздухот, контрола на квалитетот и заштеда на водата за пиење, контрола и прочистување на отпадните индустриски и фекални води и заштита на биодиверзитетот.

– Пристап до информации за заштита на животната средина, како и граѓанско учество во процесот на одлучување за прашања од област на заштитата на животната средина,

– Размена на информации со различни засегнати страни и вклучување во проекти и активности за заштита на животната средина.

– Едукација на младите за теми од област заштита на животната средина и одржливиот развој.

III. Програмски активности

1. Катастар на загадувачи

Со цел евидентирање на сите стопански субјекти по дејност и нивното влијание врз животната средина, Општината планира да се изработи Катастар на загадувачите. Со овој документ, ќе се добие слика за бројот и видот на дејноста, влијанијата на дејноста врз животната средина, со цел да се предвидат мерки за намалување на загадувањата.

2. Контрола на елаборати за животна средина

Согласно член 24 од Законот за животна средина и Уредбата за дејности и активности за кои задолжително се изработува Елаборат, а за чие одобрување е надлежен Градоначалникот на општината, Градоначалникот на Град Скопје и Градоначалникот на општините во Градот Скопје, правните субјекти наведени во Прилог 2 во Уредбата, доставуваат Елаборати за животна средина во Општина Шуто Оризари за одобрување. Елаборатот дава слика на постојната состојба на животната средина во и околу објектот, ги идентификува потенцијалните влијанија врз медиумите и областите на животната средина во фазата на работење и предлага мерки за нивно ублажување, намалување и неутрализирање.
По одобрувањето, Овластениот инспектор за животна средина од Општината, го следи спроведувањето на мерките и препораките наведени во Елаборатот за заштита на животната средина.
За контрола на влијанијата врз животната средина, подлежат стопанските правни субјекти и трговци поединци на територија на Општината, кои што обавуваат угостителска дејност, (кафулиња, сендвичари и ресторани) како и услужни дејности (автомеханичарски работилници и автоперални), складишта за градежен материјал, отпади, како и одредени занаети и производствени погони, согласно со Уредбата.

3. Примена на Архуската Конвенција-Овозможување пристап до информации за животна средина и учество во процес на одлучување за прашања од областа на животна средина

Општината спроведува примена на Архуската Конвенција на локално ниво, преку овозможување пристап до информации за животната средина, состојбите со загадувањето, мерките за заштита и планирани проекти за ремедијација на земјиште. За сите прашања од област заштита на животната средина, општината има обврска да овозможи учество на граѓаните во процесот на одлучување, преку реализирање на барањата од граѓаните, дискусии околу нивните предлози и иницијативи и вклучување во годишната програма за работа.
Планирани се активности во урбаните и рурални заедници: анкетирање на јавното мислење со прашалници за теми од област заштита на животна средина и комунални работи, организирање форуми за дискусија и средби со граѓаните.

4. Образование и едукација за животна средина и одржлив развој

Одделенеието спроведува активности со основните училишта и градинката, за одбележување на еколошките празници: Денови на пролетта во месец март, 22 април – Ден на Планета Земја, 5 јуни – Светски ден на животната средина, организирање акции за пошумување на различни локации, Ден на дрвото засади ја својата иднина, како и активности на еко-одбори.
Во рамките на проектите со здруженија на граѓани за заштита на животната средина, планирани се серија едукативни работилници за различни теми: управување со отпадот, заштита на воздухот и водата, почвата и биодиверзитетот, како и воведување здрави навики во исхраната и секојдневниот живот.
Неколку години по ред, се спроведува програмата Зелен пакет образование за одржлив развој, со цел да се подигне свеста за животната средина на младите луѓе и да се негуваат вештини, вредности и навики за заштита на животната средина и социјални активности – однесувањето и дејствувањето на учениците и граѓаните да се стави во функција на општиот контекст на одржливиот развој.

5. Спроведување мерки и активности за управување со Отпадот

Одделението планира спроведување на проекти за селекција на отпадот, во соработка со здруженија на граѓани, колективни постапувачи за отпад, основни училишта и др.
Досега, спроведени се неколку проекти за селекција на пластика и хартија како и селекција на отпадни батерии во рамките на партнерските проекти со здруженија на граѓани. Планот за управување со отпадот опфаќа: организирана селекција на хартија и пластика со колективни постапувачи за отпад, со цел повторна употреба на отпадот, селекција на други фракции, како отпадни батерии, електронски и електричен отпад, кабаст отпад и др.
Со цел успешно спроведување на активностите, планирана е соработка со ЈП Комунална хигиена, колективни постапувачи со отпадот (фирми со дозвола за управување со отпадот), здруженија на граѓани и фондации.

6. Соработка со институции и организации

– Редовна соработка со Секторот за комунални работи и Секторот за животна средина на Град Скопје, како и со ЗЕЛС и Министерството за животна средина и просторно планирање, за спроведување заеднички проекти и теренски активности.
– Редовна соработка со ЈП Комунална Хигиена и ЈП Паркови и зеленило, за реализирање на тековни активности за собирање отпад, кастрење и сечење дрвја и гранки, косење и поправка на хидрантска мрежа за полевање на јавни зелени површини.
– Соработка со ЈП Водовод и канализација околу поставување и реконструкција на системи за полевање и бунарски системи на различни локации, подготовка на документација, теренски посети и др.
– Планирана е соработка со здруженија на граѓани, за реализирање на партнерски проекти, меѓународни организации и фондации.

7. Учество на семинари, настани и конференции

Планирано е учество на семинари, работилници и конференции за животна средина и одржлив развој, во земјава и странство, во организација на ЗЕЛС, Министерството за животна средина, Центарот за Скопски плански регион, меѓународни организации и фондации, со цел едукација и соработка на партнерски проекти.