Решен деценискиот проблем во Шуто Оризари, обезбедени средства за водовод

Општината Шуто Оризари, Градот Скопје и Министерството за финансии го потпишаа договорот за реализација на проектот со водоснабдувањето во општина Шуто Оризари. Деценискиот проблем во општината ќе биде решен. 

 

За оваа намена обезбедени се 242 милиони денари или околу четири милиони евра. Дел од средствата ги обезбедуваат Градот Скопје и општината Шуто Оризари, а 106 милиони денари се обезбедени преку јавното комунално претпријатие „Водовод“.

Според Градоначалникот на општината Шуто Оризари, станува збор за проект кој ќе задоволи повеќе од 30 илјади граѓани од општината кои се соочуваат со чести рестрикции и немање на вода по неколку часови во летните периоди. 

- Овој проект навистина е приоритетен за граѓаните во општината бидејќи се соочуваа со немање на вода токму кога на нив најмногу им е неопходна. Затоа јас како Градоначалник пристапив кон долгорочно решавање на овој проблем  со поставување на нова водоводна мрежа и нова пумпна станица. Граѓаните ќе добијат подобра и поквалитетна вода за пиење рече Градоначалникот на општина Шуто Оризари Елвис Бајрам.  

Средствата од Светска банка се обезбедени под поволни услови, со каматна стапка од 0,6 проценти, со рок на отплата од 13 години и грејс период од три години.

- Значи првите три години општината нема да враќа средства, освен каматата, што значи ќе ѝ се помогне и на општината, бидејќи се работи за релативно сиромашна општина, за таа да нема финансиски товар во првите неколку години, рече министерот за финансии Зоран Ставревски.

Скопскиот градоначалник рече дека се работи за акутен проблем, чие решавање граѓаните на општината го барале долги години.

- Се работи за општина која е една од најсиромашните општини во Скопје. Финансирањето ќе биде на тој начин што 40 проценти ќе бидат од Градот Скопје и јавното претпријатие, а 20 проценти од општината Шуто Оризари, појасни Трајановски.